Цаца Николовска : Состојбата со уставните измени е однос на Македонија со ЕУ, а не со Бугарија
Состојбата во која во моментов се наоѓа Северна Македонија во однос на уставните измени е однос меѓу државава и Европската Унија, а не Бугарија. Значи, странки во овој процес се Република Северна Македонија и Европската Унија. Однесувањето на опозицијата за целокупното негирање на потребата од уставните измени само со оправдување дека станува збор за бугарски диктат или притисок имајќи предвид на укажаниот однос на нашата држава и ЕУ, е сосема неоснован, вели во интервју за МИА, претседателката на работната група за уставни измени, Маргарита Цаца Николовска.
-За работната група битно беше разгледување на меѓународните документи и преземените обврски што произлегуваат од тие документи.Негласањето на опозицијата за меѓународните документи е нејзина одговорност. Во парламентарната демократија презентирањето на аргументи е главна алатка како што е случај и со дискусија околу тие аргументи, нагласува судијката во интервјуто.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, кој по функција е претседател собраниската Комисија за уставни прашања утре ќе ја отвори седницата, а по усвојувањето на дневниот ред Предлогот треба да биде образложен од страна на предлагачот, по што се очекува да се отвори дебата од страна на пратениците. Пратеничките групи најавуваат дека ќе го искажат својот став во однос на промената на Уставот односно Преамбулата, вклучувајќи ги и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. За МИА од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека пратениците ќе учествуваат во дебатата, каде јасно ќе ги кажат аргументите против уставните измени и набргу ќе стане јасно дека за нив власта нема мнозинство.
Интервенциите во Уставот се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ.






