Османи: Рокот на ВМРО-ДПМНЕ за договор е до првото гласање во Собрание
Шанса за договор со опозицијата постои до моментот кога ќе дојде на ред првото гласање. Ова денеска го изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во однос на договорот за уставни измени со ВМРО ДПМНЕ и нагласи дека има две паралелни патеки на кои се работи со партијата.
Османи рече дека првата патека е со опозицијата во целина, а дека другата е со пратениците во Собранието. Тој смета дека самиот процес на измена на Уставот има конкретни рокови и процедури и нагласи дека шанса за договор со опозицијата постои до моментот кога ќе дојде на ред првото гласање.
„До денот кога на пленарна седница ќе ги има првото гласање отворени се опциите за да има договор со опозицијата во однос на уставните измени, вклучувајќи го и планот од три точки, кој го претставив вчера. Се надевам дека во наредниот период драфтот ќе биде препратен од Владата до Собранието и тука ќе почне одбројувањето на роковите, рече Османи.
Претходно од владејачката СДСМ рекоа дека ќе разговараат со колегите за да се обединат во остварување на стратешката цел, членство во ЕУ. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека во овие околности нема да поддржат уставни измени, без оглед на понудите кои би можеле да ги добијат за возврат.
По лидерската средба премиерот предложи заеднички да ги изгласаат уставните измени, а во преодните и завршните одредби да стои дека ќе важат од Втората меѓувладина конференција со ЕУ.
Мицкоски пак побара уставните измени со кои би се внеле Бугарите во Уставот, да важат на крајот од преговарачкиот процес со ЕУ, односно, кога ќе почне ратификацијата во земјите членки на ЕУ и кога Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ, што би можело да трае повеќе години.