Координаторот на пратеничката група на „Европскиот фронт“, Блерим Беџети ги образложува барањата за интерпелација
Дури за тројца министри и еден заменик-министер пратеничката група на „Европскиот фронт“ поднесе денеска барања за интерпелација во Собранието. Заедно со тоа опозициската коалиција поднесе барање и на наредната седница на парламентот на дневен ред да биде ставена информација безбедносната состојба во земјата.
Интерпелации се поднесени за вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ и за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, како и за неговиот заменик Астрит Исени.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ Блерим Беџети на денешната прес-конференција рече дека тие бараат информации за безбедносната состојба во земјата во последниот период, хронолошка детална информација за настаните во Куманово, особено во врска со палењето на деловни објекти во овој град и нападите врз имотите на граѓани од албанска етничка припадност, спроведените мерки и истраги за расветлување на настаните кои доведоа до палење на македонското знаме поради нивното можно влијание врз меѓуетничките односи.
Пратениците од „Европскиот фронт“ бараат и одговори за протоколи во случаи на селективно постапување од страна на службени лица од МВР, како и за предвидените механизми за надзор врз работата на безбедносните служби особено во вакви сензитивни ситуации, отчетност за преземените но и непреземените мерки.
Образложувајќи зошто се поднесени интерпелациите за министрите, Беџети рече:
„Изет Меџити како вицепремиер во оваа влада е одговорен за лошото управување со состојбите кои се случуваат во државата, вклучително и меѓуетничките односи. Наместо да дејствува како гарант на меѓуетничкиот мир и интеграција, тој не успеа да ги заштити интересите на албанската заедница и да придонесе за зачувување на социјалната и меѓуетничката хармонија. Напротив, толерираше дискриминација, селективна правда од страна на надлежните органи и молчеше за повторените неправди што ги трпе оваа заедница“.
Тој нагласи дека министерот Тошковски и неговиот заменик Исени, на денот на празникот на албанското знаме ѝ наредиле на полицијата на неоправдан начин да интервенира, спречувајќи мирна и традиционална манифестација на Албанците.
„Оваа интервенција предизвика непотребни тензии и ја поткопа атмосферата на мир и меѓуетнички соживот. Полицијата наместо да го одржува јавниот ред и да ги почитува правата на граѓаните да го прослават овој ден, поттикна конфронтации и ескалација на тензии. Ова неменаџирање на ситуацијата настана поради неспособноста и непрофесионалноста на министерот за внатрешни работи и неговиот заменик“, рече Беџети.






