Преку дебата во Собранието, власта ќе ги убедува пратениците од опозицијата зошто треба да ги поддржат уставните измени. Од владејачката СДСМ велат дека ќе разговараат со колегите за да се обединат во остварување на стратешката цел, членство во ЕУ. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека во овие околности нема да поддржат уставни измени, без оглед на понудите кои би можеле да ги добијат за возврат.
Нема поместувања во позициите на власта и опозицијата околу одложеното важење на уставните измени, на кое инсистира ВМРО-ДПМНЕ. Една недела по лидерската средба, двете страни ја повторуваат својата верзија од исходот на разговорите. Власта постојано тврди дека ВМРО-ДПМНЕ прифатила уставни измени. Опозициската партија пак убедува дека не е така и дека нема да прифатат уставни измени под бугарски диктат и во вакви услови. Односно, уставни измени да, но со важност откако Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ.
Разликите околу менувањето на Уставот меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се во начините кога тие да бидат изгласани во Собрание и кога да стапат во сила.
Потсетуваме дека по лидерската средба премиерот предложи заеднички да ги изгласаат уставните измени, а во преодните и завршните одредби да стои дека ќе важат од Втората меѓувладина конференција со ЕУ. Мицкоски пак побара уставните измени со кои би се внеле Бугарите во Уставот, да важат на крајот од преговарачкиот процес со ЕУ, односно, кога ќе почне ратификацијата во земјите членки на ЕУ и кога Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ, што би можело да трае повеќе години.
И токму таа разлика во ставовите на двете страни, оддалечува од компромисното решение и успешно завршување на процесот на уставни измени.
Владини извори велат дека дијалогот мора да продолжи, ВМРО-ДПМНЕ да се консолидира и да се работи на „измазнување“ на нијансите. Ако нема промена во партискиот став на ВМРО-ДПМНЕ, најавуваат дека битката за уставните измени ќе ја водат во Собранието. Велат дека преку дискусија, со аргументи и факти, ќе ги убедуваат пратениците кои се против, зошто е важно да ги поддржат уставните измени.