Во црквата Св.Богородица во тетовски Лешок – откриен нов фрагмент на живопис од трослојно сликарство датира од 17 век
Откриен нов фрагмент на живопис од трослојно сликарство при активностите за реставрација и конзервација на црквата Света Богородица во тетовски Лешок. Над фрагментот кој беше пронајден пред една недела веќе е поставен носач, за да може да се презентира постариот, а истата постапка ќе се повтори и за овој, се со цел да послужи за научни цели.
- „Пред неколку дена дојдовме до едно така поголемо откритие, односно во делот на џакониконот откривме архиереј, најверојатно станува збор за Кирил Александриски. Самиот тим работеше макотрпно на раслојување на сите слоја и успеа да ги сочува и живописот од 19 век, да го презентира на носач и живописот од 17 век, што е реткост во светски рамки вакво едно презентирање“ – Владо Муковски, конзерватор за ѕидно сликарство.
За постојана заштита на објектите од културното досега не се одвојуваа доволно средства, што според министерката за култура, Бисера Костадиноска-Стојчевска, е поради законските ограничувања. Се работи на правна рамка со која ќе овозможи повеќегодишно финансирање, рече таа при денешната посета на црквата Св. Богородица.
- „Законот не дозволува повеќегодишно финансирање Законот за заштита на културно наследство веќе е во фаза на изработка, изработуваме нов закон, работната група работи, исто како и Стратегијата за заштита којашто е веќе во фаза на ревидирање и токму таму ќе предвидиме имајќи ги сите овие нешта на ум ќе овозможиме повеќегодишно финансирање од областа на заштитата“ – Бисера Костадиноска Стојчевска, министерка за култура.
Инаку во земјава има само неколку конзерватори кои работат на целата територија. Недостатокот на кадар ќе се решава со тоа што ќе се мотивираат матурантите за да ги одберат студиските групи од областа на култура, со стипендирање.