„ОФФ-Фест“ продолжува со вечерашните настапи на Мари Калкун и Зарина Првасевда
Дваесет и второто издание на традиционалниот „ОФФ-Фест“ се отвори вчера со аудио-визуелниот настап на португалската фадо пејачка, Мизија.
Фестивалот, кој годинав се одржува од 7 до 10 јуни во Националната опера и балет, како и Младинскиот културен центар, вечерва ќе продолжи со настапите на ќе настапи современата естонска фолк изведувачка Мари Калкун, како и Зарина Првасевда, која интерпретира македонски традиционални песни.
„Музиката на Мари Калкун, иако ја пее на јазик што малкумина го разбираат, создава медитативна и необична атмосфера која предизвикува многу емоции. Нејзините слободни музички аранжмани во основа ги детерминира звукот на канелот – традиционална естонска цитра. Нејзините песни ја слават и чистата убавина на секојдневието, па оттаму таа често ги користи текстовите на локалните поети што го опишуваат руралниот живот, приказни и пејзажи. Мари Калкун има настапувано во повеќето европски земји, во САД и Јапонија. Има објавено пет албуми од кои најпознат е „Ilmamõtsan“ (2018), кој „Гардијан“ го вброи во својата годишна листа од 10 најдобри world music албуми“, велат организаторите.
Претставувајќи ја втората изведувачка, Зарина Првасевда, од „ОФФ- Фест“ велат дека македонската уметница својот сопствен израз, на граница меѓу автентичност и пренесување на културно наследство, го пронаоѓа во својот деби албум „Ехо“, кој содржи 11 традиционални песни на 4 различни јазици.
Оттаму дополнуваат дека Зарина патува од село до село за да се сретне со македонските баби и да ги истражува и снима нивните песни и приказни, па дополнуваат дека нејзините песни веќе го дефинираат македонското наследство.
„Додека нејзините вокални техники се темелат врз источно-европските традиции, инструменталната и ритмичката разновидност дише низ целата плоча. Ова ниво на зрелост не може да се означи само како музика на светот – благодарение на нејзината социјална чувствителност, длабоките врски со природата и претходните соработки со сродни музичари и уметници од регионот, Зарина сè уште сака да ги собира и споделува приказните со кои се среќава“, посочуваат од „ОФФ-Фест“.
Фестивалот годинава го сочинуваат осум концертни настапи и еден документарен филм.