Фридом хаус: Македонија има напредок, но и политичка дисфункција во 2022 година
Македонија забележала демократски напредок во изминатата година, се нотира во најновиот извештај „Нации во транзиција“ на „Фридом хаус“. Во него земјава е најдобро пласирана од сите држави од Западен Балкан со резултат од 48 поени од можни 100, но, сепак, државата и натаму е во групата на транзициски или хибридни режими.
Се вели дека во државава има силна политичка поларизација, а парламентарните блокади го попречиле усвојувањето на законодавството на национално ниво.
Македонија, на скалата за напредок, има највисока оценка во категоријата граѓанско општество, додека најниска е во категоријата корупција, со резултат од 3.25.
„Фридом Хаус“ забележува дека ѓраѓаните од Западен Балкан се чувствувале напуштени од домашните елити кои се спротивставуваат на демократските вредности. Но, не само од домашните политичари, разочарување има и од односот на Европската Унија (ЕУ).
Во извештајот се нагласува дека ЕУ мора да го преиспита својот пристап и повторно да се ангажира на искрен начин.