ЗА 29 МАЈ ОДЛОЖЕН ЗАВРШНИОТ ЗБОР НА СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВСКАТА КОВИД БОЛНИЦА
Повторно е одложено судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово. Минатиот пат, рочиштето беше одложено поради болест на еден од обвинетите, а овој пат бидејќи беше речено дека е болен бранителот на обвинетиот Артан Етеми. Судијата Јордан Велков го прифати образложувањето и наредното рочиште го закажа за 29 мај, кога Обвинителството и одбраната треба да ги дадат завршните зборови.
Судењето за пожарот во модуларната ковид-болница почна во септември минатата година, речиси точно по една година откако на 8 септември 2021 во страотниот пожар за неколку минути до темел изгоре целиот објект, при што загинаа 12 пациенти кои беа на лекување и уште двајца посетители.
За пожарот во модуларната болница Основното обвинителство од Тетово поднесе обвинение против три физички лица и едно правно лице. Фатмир Бесими, тогашен директор на Клиничката болница во Тетово и економскиот директор на болницата Артан Етеми се обвинети за тешки дела против општата сигурност, додека лекарот Бобан Вучески за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија. Против Клиничката болница во Тетово, како правно лице, е покренато обвинение за кривичните дела предизвикување општа опасност и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.