Македонија Новости Топ Вести

Уставни измени или избори на есен или на пролет


 Пратениците летово ќе ги намалат деновите за одмор имајќи предвид дека Предлогот за уставни измени влезе во Собранието, а претседателот на законодавниот дом Талат Џафери за во вторник, 25 јули го закажа почетокот на Комисијата за уставни прашања. Гласањето за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија со насоки за изменување и дополнување на Уставот испратен од Владата треба да биде на седница закажана за 18 август. 

Владата ја донесе одлуката за уставни измени завчера на 171. седница останувајќи на своите заложби за продолжување на евроинтеграцискиот пат на земјата, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ и партиите во нејзината коалиција и Левица, остануваат на ставот дека се за ЕУ, но не, како што велат, по цена на бугарски диктат. За нив, предложените уставни измени се неприфатливи и неразумни.

Собранието вчера во соопштение ја објасни првата од трите фази од носењето на уставните измени, што би требало да се донесат до крајот на ноември, кога завршува и скринингот за земјата по што треба да се одржи втората меѓувладина конференција и земјата да почне со отворање на кластерите.

Доколку, со двотретинско мнозинство се усвои потребата за носење на уставните измени, Собранието усвојува Заклучок и го праќа материјалот до Владата. Собранието, со Заклучокот утврдува рок во кој подносителот односно Владата, изготвува текст на нацртот на амандманите на Уставот, кој го доставува до претседателот на Собранието, по што законодавниот дом во соодветна процедура во смисла на рокови ќе расправа по нив.  

Како што објави Владата, интервенциите во Уставот се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата: „Граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ. Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот. 

Премиерот Димитар Ковачевски очекува да има плодна и конструктивна дебата за уставните измени и дека ќе има натпартиски консензус за продолжување на европската интеграција на државата.

-Владата информираше преку соопштение и преку објавување на интегралниот текст на Предлог иницијатива за уставни амандмани дека одлуката едногласно е донесена и доставена вчера до Собранието. Собранието согласно своите процедури ќе ја организира прво работата на Уставната комисија, потоа и на пленарна седница. Бидејќи евроамбасадорот е тука, многу јасно кажува дека сега од нас зависи, од одлуките што ние ги носиме, како и на кој начин и колку брзо ќе го продолжиме и завршиме патот на европската интеграција, изјави вчера Ковачевски.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *