Македонија Новости Топ Вести

ДИРЕКТОРИТЕ НА СРЕДНИТЕ ШКОЛИ ЗАГРИЖЕНИ ОКОЛУ ДРЖАВНАТА МАТУРА: Очекуваат брзо завршување на штрајкот на ДИЦ

Неизвесноста со полагањето Државна матура продолжува. Државниот испитен центар нема намера да го прекине штрајкот кој почна на 24 април, практично еден месец пред првиот испит од матурата кој треба средношколците да го полагаат, а тоа е мајчин јазик. Загриженоста расте посебно кај оние ученици кои планираат да се запишат на некои од унверзитетите надвор од Македонија, но загрижени се и директорите на средните училишта кои во моментов и не знаат што да им кажат на матурантите.

-Ситуацијата секако е загрижувачка. Ние всушност и не знаеме што точно да им кажеме на учениците. Гледаме дека стануваат нервозни посебно оние кои планираат образованието да го продолжат на некои од странските универзитети. Од нашата гимназија планираат барем 10 отсто од учениците да се запишат надвор од земјава. Но, никој нема да чека да ги поднесат документите. Искрено се надевам дека работите брзо ќе се средат и дека Владата ќе им излезе во пресрет на барањата на Државниот испитен центар. Но, ако тоа не се случи тогаш ситуацијата ќе се искомплицира. Ако се пролонгираат роковите за полагање, тогаш автоматски ќе се пролонгира и датумот кога ќе треба да се објават резултатите. Во тој случај, оние кои сакаат да аплицираат надвор од земјава ќе доцнат. На нашите универзитети тоа и би било возможно, говорам за аплицирањето, бидејќи верувам дека и тие датуми би се пролонгирале, дали со некаква одлука, дали со подзаконски акти, но сепак е можно. Проблемот е многу поголем за оние кои сакаат да студираат надвор од Македонија, вели во разговор за Фактор еден од директорите на средните училишта во Скопје.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *