Ниту една земја нема да влезе во ЕУ ако се инсистира да бидат решени билатералните спорови базирани на историја или на емоции, оцени Пендаровски на самитот
Деветте лидери на Процесот Брдо-Бриони го завршија самитот во Скопје, овојпат без кавга, во конструктивен дух и со усвоена декларација.
Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, нагласи дека ова е единствен процес на ниво на претседатели во сопственост на регионот и, како што рече, без надворешни ментори и промотори, нагласувајќи дека не гледа потреба од нив. Запрашан што е поважно за евроинтеграцијата – решавање на отворените прашања или отворените преговарачки поглавја, Милановиќ одговори категорично дека се важни – и едното и другото.
„Постојат отворени прашања, особено меѓу Србија и Косово кои меѓусебно не се признаваат. Тие два процеси се одвиваат паралелно и добро е што постои дијалог за да се реши. Најлошо е кога ќе прекинат телефонските линии и комуникации, зошто тоа практично значи ‘смрт за дијалогот’“, порача Милановиќ, за кого поголемо „идентитетско прашање“ од овие беше што Украина и Молдавија добија кандидатски статус пред БиХ.






