Претседателот Стево Пендаровски денеска уште еднаш изјави дека нема да ги потпише измените на Законот за работни односи за 60 часовна работна недела за потребите на компанијата „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10д.Пендаровски потсети дека за ова прашање Уставниот суд уште лани донесе решение и дека тој таа одлука ќе ја почитува.
„Лани Уставниот суд оваа одредба ја прогласи за неуставна во еден друг закон. Не можеме да ги повторуваме грешките. И да го потпишам, а нема да го потпишам, ако е таква одредбата, јасно е дека Уставниот суд, следејќи ја својата претходна одлука, повторно ќе ја прогласи за неуставна“, изјави Пендаровски.
Што се однесува до другите законски измени кои се бараат како дел од обврските кои државата ги презеде по потпишувањето на договорот со американско-турскиот конзорциум, Пендаровски рече дека ќе причека за да ги види решенијата во изворна форма, да ја слушне парламентарната расправа, а потоа и ќе се произнесе за секој од осумте закони.
Шефот на државата потврди дека не го видел договорот за изградбата на Коридорот 8 и на Коридорот 10д.