Договорот со „Бехтел и Енка“ пред пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат
Веднаш штом ќе има известување од Собранието владини претставници ќе го презентираат Договорот со „Бехтел и Енка“ пред пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Одговарајќи на новинарски прашања Ковачевски рече дека по барањето што го доставија пратениците го известил претседателот на Собранието дека владиниот тим е подготвен веднаш да го презентира Договорот пред собраниското тело што ќе биде определено.
-Дел од пратениците испратија испратија писмо до Владата да се запознаат со Договорот, јас веќе одговорив до претседателот на Собранието, не знам дали го има примено во неговата архива бидејќи беше на службен пат, во коешто го информирав веднаш исто како што стоеше и во соопштението дека тимот на Владата е подготвен на Комисија или на тело што ќе го определи Собранието веднаш да отиде и да го презентира Договорот пред сите пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат. Кога ќе кажат од Собранието, подготвени се веднаш да отидат бидејќи сепак на владините претставници треба да им се каже во која Комисија треба да отидат, изјави Ковачевски.