Коридорите 8 и 10 Д ќе се изградат и ќе ги разочараме оние што не веруваат во најголемиот инфраструктурен проект во државава, а тоа се оние истите кои не веруваат дека ќе станеме членка на НАТО. Има потпишан договор на 400 страници во кои се дефинирани сите обврски, како наши, така и на изведувачот. Што се однесува до неговата тајност, ќе повторам дека сите договори кои се дел од работата на ЈПДП носат назнака за деловна тајна и доверливост, бидејќи содржат технологии на работа, структури на управување и поради заштита од конкуренцијата овие договори се такви, изјави Димитар Ковачевски.
Тој се надоврза на критиките за процесот на подготовките за реализација на проектот, меѓу кои и забелешките на професорот Самоил Малчевски, кој во телевизиски настап изјави дека една сериозна држава треба да ги прави работите во интерес на граѓаните, а не во интерес на некои приватни компании. „Мене ми се чини дека никогаш нема да ги видиме коридорите 8 и 10д, ама затоа ќе ги платиме пеналите како што е договорено колку што е познато во јавноста. Мислам дека носителите на овој договор треба да сносат одговорност откако ќе реформира правосудниот систем оти имаме сериозни индиции дека тука има нешто коруптивно“, рече Малчески. Тој смета дека според законите, овој тип договор каков што е со „Бехтел и Енка“ не спаѓа во редот на класифицирани.
Ковачевски додаде дека вчера Владата го овластила ЈПДП да го достави договорот до Јавното обвинителство и денес тој треба да биде разгледан од судските органи.
Од ССМ потсетија дека заедно со Синдикатот за градежништво – СГИП, лани започнаа иницијатива за одредбата за работно време од 60 часа неделно за изградбата на Коридорот 8, која одредба како неуставна и незаконита беше укината од страна на Уставниот суд, затоа е крајно некоректно таа да се изигрува, со уредување на ваква одредба во Законот за работните односи.