Сашо Мијалков 10 години по извршувањето на кривичното дело за изборни нерегуларности денеска успеа да се спаси од казната. Домашното судство не успеа да му стави крај на случајот во законскиот рок. Од поднесувањето на првичното обвинение за овој случај од поранешното Специјално обвинителство до денеска поминаа 7 години и два месеци. Тогаш обвинителката Фатиме Фетаи изјави дека се сомнева дека во 2013 година високи функционери на тогашната власт, членови на ВМРО, поранешни членови на ДИК, членови на Изборната комисија во општина Чаир, судии и нотари создале група која имала цел да изврши кривични дела против изборите и гласањето.
Денес и по 7 години, сите овие обвинети уживаат на слобода.
Во овој случај Мијалков првично беше осуден на 3 години затвор на 8 март 2019 година. Десет месеци подоцна, Апелација го „спаси“ со враќање на предметот на повторно судење. Втората пресуда беше изречена на 23 јануари 2023 година, со која казната на Мијалков беше намалена на 2 години затвор – за на крај да избега без да помине ниту еден ден во затвор поради застареноста на делото.
За разлика од останатите обвинети, Мијалков го гонеа за примање награда за противзаконито влијание, дело за кое е предвидена затворска казна до 5 години, што значи дека апсолутна застареност доаѓа 10 години по извршувањето на делото.
Апелациониот суд на 13 април го продолжува судењето и за останатите обвинети во овој случај и тоа Мендух Тачи, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев. На рочиштето е поканет и Мијалков, но од правен аспект неговото учество воопшто не значи ништо.
Мијалков во моментов издржува затворска казна во Струга за случајот „Империја“ каде самиот ја призна вината.