Македонија Новости Став Топ Вести

Собраниската Комисија за финансирање и буџет ќе одржи надзорна расправа за „Алта банка“

 Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска донесе одлука за одржување на Надзорна расправа на тема „Причини за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност“, на иницијатива на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.

На седницата беше изгласан и заклучок во најкус можен рок да се одржи и заедничка координација со членовите и заменик-членовите на Комисијата за финансирање и буџет за утврдување на роковите, времетраењето и сведоците на самата надзорна расправа.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не се согласија со првичниот наслов за надзорната расправа, кој гласеше „Причини за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционална одговорност за измамата на граѓаните“. Тие побараа насловот да биде без формулацијата „за измамата на граѓаните“.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска истакна дека не може однапред да се констатира дека станува збор за измама на граѓаните.

-Ние не сме тука суд, односно вие не сте суд за да дефинирате дека се работи за некаква измама на граѓаните. Така што, доколку се согласувате овие крајни три збора да се отстранат од предлогот на темата на вашата иницијатива, тогаш секако дека ќе ја поддржиме – рече Стојаноска.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски оцени дека случајот со Алта банка се разликува од оној со „Евростандард банка“, бидејќи, како што посочи, нема судски процеси и обвинение.

-Мојот предлог е следниот: „Причини за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност“ – рече Стојаноски.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *