Цената на електричната енергија за домаќинствата би можела да остане на сегашното ниво, а постои можност и за нејзино намалување, најави премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Штип, објави 4news.mk
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски рече дека Владата работи на нова методологија со која ќе се направи обид да се задржи актуелната цена на струјата, но и да се создадат услови таа да биде пониска.
„За струјата правиме методологија да се обидеме да, ако ништо друго, барем да ја задржиме истата цена, а зошто да не и се обидеме да ја поевтиниме“, изјави Мицкоски.
Премиерот посочи дека откако актуелната Влада е на функција немало зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата. Според него, енергетската состојба во земјава во моментов е стабилна и очекува стабилно снабдување и во текот на зимата.






