Македонија Новости Став Топ Вести

Проф. Јачева-Улчар : Младите ќе остануваат во Македонија и ќе создаваат семејства тогаш кога ќе почувствуваат дека можат достоинствено да живеат од својот труд

Секоја празна училница е потсетник дека времето не работи во наша полза – прашањето не смее да биде тема за дневнополитички препукувања, туку за сериозна државна стратегија

Македонските матуранти ја положија државната матура со просечен успех 3,66. Тие за првпат годинава полагаа според новата концепција која предвидува три категории на матура, државна, државна стручна и државна уметничка. Вкупно полагале речиси 14.600 ученици, а околу 350 не се појавиле на испитот, информира министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која е задоволна од текот и резултатите.

Паралелно со порастот на успехот, имаме и значително намалување бројот на препишувачи, информираат од државниот испитен центар. Поради препишување или користење недозволени средства, поништени се испитите на околу 230 матуранти и тие ќе полагаат повторно во август. Целта не е да се заплашуваат учениците, туку да се мотивираат да го покажат она што најдобро го знаат и умеат, вели директорката на центарот Даниела Јовчевска Михајловска.

За резулатите и образованието, дел од познавачите на состојбите сметаат дека просечната оценка сама по себе не е доволна за да се даде конечна оценка за квалитетот на образовниот систем. Според проф. д-р Елка Јачева-Улчар, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, оценката е важен статистички показател, но за нејзино правилно толкување се потребни подетални анализи по предмети, по типови училишта, по задачи и по компетенции што се проверуваат.

-Потребно е да се испита дали разликата произлегува од тежината и структурата на тестовите, од критериумите за оценување, од наставните програми, од методиката на наставата или од пошироките општествени фактори што влијаат врз јазичната култура и читачките навики на младите. Веројатно станува збор за комбинација од повеќе фактори, а не за една единствена причина. Оттаму, би било корисно Државниот испитен центар да ја искористи богатата база на податоци што ја поседува и да изработи подлабоки анализи на резултатите – по предмети, по задачи, по компетенции, по типови училишта и по региони. Таквите анализи би биле драгоцена основа не само за научната јавност, туку и за креаторите на образовните политики, бидејќи само врз основа на аргументирани сознанија можат да се преземаат мерки за подобрување на наставата, посочува Јачева-Улчар.

Таа исто така не се согласува ниту со оценките дека од бројот на ученици кои препишувале може да се извлече заклучок дека „на младите не им се учи“ или дека тоа е показател за иднината на нацијата. Децидна е дека таквите генерализации не се научно засновани.

-Во секоја генерација има ученици кои бараат полесен пат, но има и многу млади луѓе кои вредно работат, освојуваат награди и успешно ја претставуваат Македонија на домашни и меѓународни натпревари. Образованието треба да се оценува врз основа на системски показатели, а не врз поединечни негативни појави, констатира Јачева-Улчар, која, како што вели, има доверба во младите и верува во нивната способност да учат, да создаваат и да го менуваат општеството на подобро, но само ако и ние, како држава и како општество, им создадеме услови во кои знаењето, трудот и чесноста навистина ќе се вреднуваат.

-Затоа образованието треба да се оценува врз основа на системски показатели, а не врз поединечни негативни појави. Вистинската вредност на државната матура не е само во просечната оценка, туку во нејзината способност објективно да го измери знаењето на учениците и врз основа на добиените резултати да овозможи унапредување на наставата и на образовниот систем. Само така државната матура ќе ја исполни својата основна цел – да биде сигурен показател за квалитетот на знаењето, а не само статистички податок, објаснува Јачева-Улчар.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *