МВР: Во Скопје 117 оштетени возила, 189 паднати дрвја и 10 повредени лица
Најсериозни последици имало на Граничниот премин „Меѓународен аеродром Скопје“, каде поради протекување на кровот бил прекинат излезот од државата во траење од околу час и половина.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека полициските службеници се на терен и постапуваат по сите пријави поврзани со последиците од силното невреме, во координација со останатите надлежни институции. Се преземаат мерки за обезбедување на безбедноста на граѓаните, расчистување на последиците и нормализирање на сообраќајот и јавните функции.
Според податоците на МВР, најголеми штети се регистрирани на подрачјето на СВР Скопје. До 22 часот евидентирани се 117 оштетени патнички возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрвја, седум оштетени семафори, пет пожари и 10 повредени лица.
Невремето предизвикало оштетувања и на повеќе објекти од витално значење, меѓу кои се објектите на ОЈО ГОКК, комплексот „Вили Водно“, Аеродромската полициска база „Петровец“, зградата на „Нова Македонија“, како и објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство.
Во останатите полициски подрачја, штетите се помали. На подрачјето на СВР Куманово пријавени се девет оштетени возила и три оштетени кровови, додека во СВР Тетово се евидентирани пет настани – три оштетувања на возила и две оштетувања на кровови. На подрачјето на Гостивар нема пријавени оштетувања ниту повредени лица.
Во Велес се пријавени две оштетени возила од паднати дрвја, а во Струмица невремето предизвикало пад на електрични столбови во селата Доброшинци и Градошорци, како и прекин на снабдувањето со електрична енергија во селото Свидовица.
На подрачјето на СВР Битола не се регистрирани значителни последици. Единствено во реонот на Полициската станица Македонски Брод е забележан краткотраен силен ветер, без пријавени материјални штети или паднати дрвја.
Во СВР Штип регистрирани се 14 оштетени патнички возила и шест оштетени кровни конструкции.
Во рамки на Регионалниот центар за гранични работи Север, најсериозни последици имало на Граничниот премин „Меѓународен аеродром Скопје“, каде поради протекување на кровот бил прекинат излезот од државата во траење од околу час и половина.
Во Транзитниот центар Табановце се оштетени дел од привремените објекти за сместување на мигранти, вклучително шатори и помошни објекти, а регистрирани се и паднати дрвја, без предизвикана материјална штета.






