Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, порача денес од Скопје дека дека Европската унија мора да ѝ подаде рака на Македонија, ако не, тоа ќе го направат Кина и Русија.
Тајани денеска беше во посета на земјава како прв шеф на дипломатијата од Европската унија по изборот на новата влада, при што имаше средба со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Тој нагласи дека Италија е голем поддржувач на Северна Македонија и дека работат за што побрзо членство во ЕУ.
„Мојата посета овде не е само формална, туку е јасна порака за поддршка која ја даваме на земјите од Западен Балкан за влез во ЕУ. Мене зборот проширување не ми се допаѓа, ова се европски земји и ние треба да зборуваме за спојување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ. Не треба да ја повториме грешката и да исчезне сонот на илјадници млади луѓе од Балканот кои гледаат кон Европа како своја втора татковина. Италија отсекогаш имала силен однос кон Земјите од Западен Балкан. Сакаме да го забрзаме темпото на пристапување кон ЕУ и за тоа се залагме во европските институции. Верувам дека нашето залагање за Балканот не е само политичко, туку е и квалитетно. Треба да се подаде рака кон оние кои сакаат да бидат со нас Европејците, особено нашите пријатели од Балканот, притоа внимавајќи на европските правила за пристапување. Ако ние не покажаме дека сакаме да ја подадеме раката од тие што ни ја даваат, има некој друг кој сака да нѐ замени, како што се Кина и Русија. Тоа е неприфатливо“, рече Тајани.





