Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денес, престојува во прва работна посета на Австрија, во чии рамки оствари средба со сојузниот министер за европски и надворешни работи, Александер Шаленберг. Во фокусот на разговорите беа одличните билатерални односи и високото ниво на политичка и економска соработка. На средбата, министрите ја поздравија развиената секторска соработка со заемни заложби за отворање нови поглавја за унапредување на релациите во полињата кои се од интерес на двете страни. Во тој контекст, Муцунски иницираше засилување на културната соработка, што ќе придонесе за промоција и подигнување на видливоста на Македонија.
Посебен фокус беше ставен на економската соработка, со акцент на странските инвестиции. Во таа насока министерот Муцунски ги спомена растечките заложби на новата влада, за создавање позитивна бизнис клима и креирање услови за привлекување нови странски инвестиции.
„Австрија е наш најголем инвеститор, долгогодишен и докажан партнер во полето на економијата. Посветени сме на понатамошно поттикнување и привлекување нови австриски инвестиции, каде веќе бележиме континуиран позитивен тренд. Продлабочувањето на економските и трговски врски дополнително ќе ја зајакнат одличната соработка и на политички план”, истакна Муцунски.






