Владата денеска на првата седница ќе ја разгледува информацијата за повисоки пензии. Станува збор за проект, ветен од новата власт пред изборите, со кој повеќе од 300 илјади пензионери треба да добијат повисоки пензии од септември.
Конструкцијата на проектот за зголемување на пензиите е финализирана на вчерашната средба на премиерот Христијан Мицкоски со министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочовска и со министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани.
Мицкоски на Фејсбук објави дека станува збор за реализација на изборно ветување кон пензионерите.
– Дадениот збор е светост, обврска и одговорност. Државата мора да се грижи за највозрасните. Во соработка со министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, министерот за социјална политика демографија и млади Фатмир Лимани, посветено работиме на итно изнаоѓање на решение кое ќе донесе повисоки пензии за над 300 илјади пензионери. Ова исклучително важно решение кое го ветивме на изборите ќе се дискутира на седница на Владата и со тоа ја покажуваме нашата посветеност да испорачуваме резултати и да работиме посветено и за сите, напиша Мицкоски на ФБ.






