Во Собранието пристигна законска измена на договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид со нов анекс – осми по ред, со кој ќе се доплаќаат дополнителни 200-тини милиони евра за доизградба на делницата.
Со осмиот анекс се продолжува рокот на изградба до 31 мај 2027, а за овој период изведувачот „Синохидро“ од Кина ќе треба да поднесува банкарски гаранции дека ќе заврши навреме, проограми за работа и отчет во форма на извештаи пред државата.
„Согласно потточка 1.1.3.3 од Детални услови на Договорот Дел А (Договорни податоци) и потточка 8.4 од Деталните услови на Договорот Дел Б -Детални одредби, Рокот за завршување на работите се менува од 4627 во 4778 дена во дел А- Договорни податоци (Додаток кон понудата). Според тоа, ревидираниот краен рок е 31.05.2027 година“, запишано е во законскиот материјал.
Во дооставениот „Предлог на закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево-Охрид“, предложен од вицепремиерот Александар Николоски по скратена постапка, предвидено е да се додадат околу 200-тини милиони евра на анексот со број 3, како новопропишани во анексот 8.
„Заради потребата од изведување на непредвидени и дополнителни градежни работи, како нужни и неопходни за целосно и квалитетно завршување на проектот, вредноста на основниот договор и Анекс бр.3 се зголемува за дополнителен износ од прифатените прогнозирани предмер пресметки и конечните единечни цени во износ од 186.284.318,23 Евра и привремена сума од 18.628.431,82 Евра, кои се прилог и составен дел на овој Анекс бр.8.
Плаќањата по основ на оваа дополнителна сума ќе се вршат 85% во Американски долари на сметка на изведувачот, а 15% во денари на сметка на подружницата на изведувачот во РСМ. Девизниот курс помеѓу Евро и Мкд денар што ќе се користи во пресметки на МКД компонентата е средниот курс на Народната Банка на РСМ што важи на денот на издавање на времената ситуација“, пишува во законската измена.
Договорните страни се согласуваат 5 отсто од вкупниот износ на овој Анекс бр.8 да се исплати авансно. Законската измена е веќе изгласана и со указ одобрена од претседателката на РСМ.






