Собранието синоќа во рамки на 89. седница без расправа го донесе пакетот закони со кои се нивелираат платите на избраните и именуваните лица. Со овие закони се предвидува намалување на платите до 13.000 денари. Пратениците ги изгласаа измените на Законот за пратениците, на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, на Законот за платите на јавните обвинители, на Законот за платите на судиите, на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија и на Законот за платите на членовите на Судскиот совет на Република Македонија.
Со овие закони, како што образложи претходно денеска еден од предлагачите на законските измени пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски, се воспоставуваат реални висини на платите. Стојаноски објасни дека со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите и дека ова законско решение е во согласност со Уставот и не може да биде обжалено пред Уставниот суд.






