Македонија Новости Став Топ Вести

Сиљановска: Ако има решение за Украина, ЕУ да најде и за нас!


Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одржа денес маратонски говор во Собранието, кој траеше повеќе од еден час, и во кој тргна од Кочани, евроинтеграцијата, судскиот систем, економијата, па до улогата на Народната банка на Македонија, енергетиката, дрвокрадците, претераната урбанизација, образованието, имиграцијата, животната средина, дијаспората, климатските промени – и што уште не.

Генерално, во годишното обраќање таа порача дека речиси цела надворешно-политичка активност годинава ја насочила на евроинтеграцијата, иако не оствари посета ни на Брисел, ни на Берлин, ни на Париз надвор од пошироките меѓународни собири, а како „историска“ ја оцени својата посета на Азербејџан. Освен поплаките за условите што ни ги поставува ЕУ за продолжување на преговорите, претседателката успеа да лоцира вина и кај претходната влада со оценка дека, по промената на името на државата, секоја друга уставна промена што се бара од нас изгледа бенигна за ЕУ.  

„Потребна е политичка волја, наша и на Унијата (за да продолжат преговорите). Ние сме предложиле повеќе политички решенија, а ЕУ треба да избере едно од нив или  да најде решение самата. Ако можеше да го направи тоа за Украина, може и за нашата држава“, порача Сиљановска за блокадата на евроинтеграцијата.

Според неа, со уште една уставна измена, од овој процес ќе излеземе како старецот од морето на Хемингвеј – со костур од риба во рацете, нагласувајќи потоа: „Еве до каде нѐ доведоа храбрите одлуки“ (на претходната власт)“.

„Затоа се потребни јасни и недвосмислени гаранции. Без јасни гаранции од ЕУ и од Бугарија и без соодветни заштитни механизми, со уште една уставна промена, ризикуваме да излеземе од процесот исто како што старецот на Хемингвеј излезе од морето – само со рибини коски, со соголен национален и културен идентитет– рече Сиљановска, додавајќи дека без поширок политички и општествен договор, секоја одлука ќе остане кревка. 

Во тој стил таа посочи дека највисоки оценки од ЕУ Македонија добила во периодот од 2017 до 2020 година, кога сме ги потпишале Договорот со Бугарија и Преспанскиот договор, а сега сме стигнале до „ограничен напредок“, па заклучи дека тоа сме го заслужиле со прифаќање на решенија и услови што не се поврзани со владеењето на правото, кои ги нарече „нов политички критериум“.

„На вагата на ЕУ нашите уставни измени вредат повеќе од вистинските реформи“, рече претседателката нагласувајќи дека најнов услов сега е внесувањето на Бугарите во Уставот, иако во 1996 година во студија за „Повторното враќање на демократијата“ Уставот на Македонија се нашол меѓу 12 други што биле издвоени.

„Секаде каде што одев го бранев нашето уставно право за европско членство и посочував на парадоксалната недоследност дека сме  20 години со статус на кандидат за членство“, рече таа прашувајќи јавно – „како може со записник да се амандманира билатерален договор (со Бугарија)?“  

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *