Македонија Новости Топ Вести

Османи е оптимист дека уставни измени ќе има


Министерот за надворешни работи Бујар Османи е оптимист и очекува уставните амандмани, кои се услов за продолжување на пристапните преговори со ЕУ,  да бидат донесени и целиот процес успешно да заврши.

-Моја задача е да сум оптимист и да работам тоа да се случи. Според моите сознанија процесот ќе заврши успешно, се надевам на време, рече Османи на новинарско прашање на денешниот брифинг во МНР.

Како првичен краен рок за уставните измени беше посочен ноември, кога треба да заврши и скрининг процесот и да се одржи втората меѓувладина конференција со што ќе почнат преговорите по поглавјата. 

Во однос на Акцискиот план  за заштита на правата на малцинствата во контекст на преговарачкиот процес со ЕУ, Османи додаде дека е во подготовка и дека на него работат домашни и надворешни експерти. Неговата подготовка е поврзана и со процесот на уставните измени и штом биде подготвен ќе биде испратен на усвојување во ЕК. Иако Акцискиот план треба да го одобрат сите земји членки, Македонија е таа што треба да го подготви, а според Османи тој се прави во согласност со сите правила на Советот на Европа.Тој повтори дека Преговарачката рамка е наша заштита од идни барања на Бугарија но напомена дека за содржината на Акцискиот план за малцинствата ќе се разговара. Тој не сметаше исто така дека изборот на Бугарија во Советот за човекови права на ОН ќе значи засилување на нејзината позиција во спорот со Македонија, бидејќи процесот не е таму туку во ЕУ. За кого гласала Македонија, Османи не знаеше во моментот, но извести дека Македонија е кандидат за истата улога во наредниот мандат, што ќе се одлучува во 2024 година и дека има шанси да влезе во ова тело.  

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *