„Декамерон“ во режија на Дејан Пројковски гостуваше на фестивалот РУТА во Драмски
Во рамките на фестивалот РУТА (Регионална унија на театри) , на сцената на Драмски театар Скопје ќе беше изведена претставата „Декамерон“ во режија на Дејан Пројковски. Претставата е копродукција на Градско позориште Подгорица, Народно позориште Ниш и „Барски летопис“.
Претставата „Декамерон“ е поставена на текстот на Џовани Бокачо, драматург е Стеван Копривица, додека во уметничката екипа на претставата се сценографот Валентин Светозарев, костимографот Марија Пупучевска, асистентот на драматургот Сашо Димоски и композиторот на музиката Горан Трајкоски од Македонија, додека сценските движења и кореографијата се на Тамара Вујошевиќ – Мандиќ, корепетитор е Рената Перазиќ, асистент на режија е Бранка Кнежевиќ, а дизајнот на промотивниот материјал е на Ена Вучковиќ.
– Чумата коси низ Европа, милиони мртви, годината е 1348, нема лек, надеж, утеха, нема рационално промислување. Социјалната изолација е единствениот начин да се преживее. Бокачо сместува во изолација група млади луѓе, кои ќе ѝ се спротивстават на болеста со раскажување приказни, уживајќи во животот и во подарените мигови на среќа во апокалиптичното опкружување. Кога Бокачо тоа го направил, нема причина зошто и ние да не го направиме во театарското читање на „Декамерон“, со цел да се обидеме да ги побараме заедничките именители на нашето време и средновековна Фиренца. Неверојатно е колку од мотивите се преклопуваат, колку симиларии има, колку има непотребно механицистичко и насилно преведување во сегашноста. Хумористичниот пристап, иронијата и апсурдот се поетични средства кон кои прибегнавме со цел да го одбраниме Човекот пред Болеста, Догмата, Глупоста и манипулативните понижувања – истакнуваат режисерот Дејан Пројковски и драматургот Стеван Копривица.
На прес-конференција што се одржа во Драмски театар пред изведбата на претставата режисерот Пројковски посочи дека со текстот на Бокачо ги поврзала појавата на коронавирусот и ковид-пандемијата што му се случи на современото човештво пред три години, а главната тема на претставата е човековата слобода, а во суштина и личната слобода на човекот.
– Ликовите во претставата се луѓе кои се затворени во еден простор и се обидуваат да ја редефинираат смислата на своето постоење – појасни Пројковски.
Драматургот Стеван Копривица додаде дека претставата е правена врз основа на фрагментарна драматургија, каде како средство се користи контрапунктот и затоа има и духовити и апсурдни ситуации.
– Иако има привид на комедија, сепак претставата има многу пошироко значење во однос на разбивањето на догмите – истакна Копривница.
Во претставата играат Милош Пејовиќ, Сања Крстовиќ, Омар Бајрамспахиќ, Вања Јовиќевиќ, Душан Ковачевиќ, Маја Вукојевиќ – Цветковиќ, Павле Поповиќ, Евгенија Станковиќ, Уна Лучиќ, Стефан Вуковиќ, Драгана Јовановиќ, Лара Драговиќ и Драгиша Вељковиќ.
Секој од актерите игра по неколку ликови во претставата. Во текот на подготовките сите поминале низ интензивен процес на правење кроки-приказни. Во текот на процесот не граделе карактери, туку го барале соодветниот израз на телото за да ја доловат емоцијата во одредена ситуација.
По премиерите во Бар и во Ниш, претставата за првпат се изведува во друг театарски центар. Според актерите, иако претставата веќе е поставена процесот на нејзината надградба продолжува со секоја нејзина следна изведба.






