ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог за една анкетна комисија за сите несреќи во Македонија
Анкетна комисија во Собранието ќе ја преиспитува одговорноста на сите функционери во големите трагедии и несреќи во Македонија. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и на коалициските партнери Вреди и ЗНАМ, како што деновиве најави и премиерот Христијан Мицкоски, денеска во Собранието поднесе иницијатива за формирање Анкетна комисија што ќе ги утврди сите околности за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во модуларната болница во Тетово, автобуските несреќи на „Дурмо турс“ и на „Беса транс“.
– Анкетната комисија ќе има цел да ја утврди одговорноста на функционери, носители на јавни функции и други поврзани лица, како и да ги утврди околностите за постапувањето на институциите за следните трагедии и несреќи: пожарот во ноќен клуб/кабаре во Кочани, пожарот во модуларната болница во Тетово, сообраќајната несреќа на „Дурмо Турс“ во Ласкарци и сообраќајната несреќа на „Беса Транс“ во Бугарија. 77-те потписи на пратениците на иницијативата се доказ дека ние не сакаме да ги политизираме овие трагични настани, туку сакаме да помогнеме засегнатите да добијат правда – рече пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.






