Гаши ја уверувал кинеската амбасадорка дека Македонија го поддржува концептот „Една Кина“
Кина остро реагира на Бизнис форумот организиран со Тајван и на средбата на потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски со уште двајца пратеници со делегација на Тајпеј
Откако вчера во Скопје се одржа Бизнис форум со учество на дипломати на Тајван од Италија и во јавноста се постави прашањето дали Македонија ги отвора пак вратите за Тајпеј денеска претседателот на Собранието Африм Гаши ја прими кинеската амбасадорка Џијанг Сиаојан и ја уверуваше дека не постои промена во политиката на македонската држава.
Според соопштението од средбата Гаши бил дециден дека „релациите меѓу двете земји се одлични, со голема почит кон традицијата, историјата, независноста и суверенитетот, со поддршка на концептот ‘Една Кина’.
Двете земји имаат долга историја на соработка, уште од нашата независност, три децении почит и соодветна комуникација. Кина како втора светска економска сила, е најголемиот трговски партнер на нашата земја надвор од Европа. Во Собранието традиционално се формира пратеничка група за соработка со Кина, која претставува линк меѓу парламентите на двете држави. Соработката се одвива на сите полиња, како економија, инфраструктура, бизнис, образование, култура, спорт, а во насока на продлабочување на истата во корист на граѓаните, се и заложбите и иницијативите на амбасадорката Сиаојан“.






