Не сум за нови црвени линии, јас сум за договор дома. Ако одиме надвор со консензус, тогаш ќе не почитуваат, изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова, коментирајќи ја предлог-резолуција што ја претстави лидерот на СДСМ Венко Филипче за европските интеграции со „црвени линии“.
-Веќе нема црвени линии, линиите се веќе прегазени или избришани со гума. Она што требаше ние да го сториме, бидејќи ова не е веќе некој нов предлог пред него имало неколку декларации една од нив направена и со помош на МАНУ. Очекував и се израдував ама за многу кусо време дека ќе седнат лидерите на партиите, седнаа, ги закопаа секирите, и јас мислев тоа е оној моментумот политички кога ќе одат заедно во Брисел и ќе речат – видете ние веќе не знам колку пати посегнавме по уставни измени, резултат нема, очигледно не е тоа решението. Уставот се менува, но политиката на соседите кон нас останува иста. Ајде и ние малку да бидеме по моделот на бугарските или грчките политичари, не мора да го менуваме Уставот, ама да седнеме и да изградиме платформа на преговори. И да не одиме никаде надвор и со никого да не разговараме пред да повикуваме на тоа. Што мислиме заедно дека е можно, а што мислиме дека е неможно. И како да тргнаа работите, одеднаш ја видов посетата на лидерот на СДСМ на Брисел и тој рече дека е спремен да го жртвува својот мандат само да сме исчекореле. Ако имате еден чекор – уставна измени и потоа пречка, ништо не сте сториле, само сте го смениле Уставот – тоа не е црвена линија. Јас не сум за линии, јас сум за договор дома, нагласи Сиљановска Давкова во интервју за Сител.






