Зголемувањата на инвестициите во одбраната, зајакнување на колективната безбедност и случувањата во Украина и на Блискиот Исток ќе бидат главни теми на дводневниот Самит на НАТО што почнува денеска во холандскиот град Хаг и на кој ќе учествува и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Во пресрет на Самитот, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте вчера порача дека главниот фокус на собирот ќе биде на тоа да се обезбеди дека Алијансата има се што и е потребно за да може да одвраќа и да се одбрани од каква било закана.
Руте нагласи дека Самитот се одржува во „вистински историски момент“, во услови на растечки безбедносни предизвици и затоа како што светот станува поопасен, така сојузничките лидери ќе донесат смели одлуки за зајакнување на колективна одбрана, правејќи ја Алијансата посилна, пофер и поборбена.
Според Руте, овие заложби ќе вклучуваат нов план за инвестиции во одбраната, со кој ќе се постави цел издвојувањата за одбрани потреби да бидат на ниво од пет отсто од БДП и ќе се зајакне одбранбената индустрија низ Алијансата, што ќе донесе не само поголема безбедност, туку и повеќе работни места.
– Заканите со кои се соочуваме денес бараат да направиме многу, многу повеќе за да осигуриме дека можеме ефикасно да одвраќаме и да се браниме. НАТО има детални одбранбени планови. Знаеме како да се справиме со опасностите што ни се спротивставуваат. И ние сме посветени на одбрана на секој сантиметар од територијата на сојузниците, доколку некој потенцијален противник направи грешка да нападне кој било сојузник, порача Руте.
Планот, меѓу останатото, предвидува петкратно зголемување на капацитетите на противвоздушната одбрана, зголемување на бројот на тенкови и оклопни возила, поголемо производство на куршуми и артилериска муниција, подобрена мобилност на силите на терен и зајакнување на соработката со партнерите, пред се со Украина, ЕУ и партнерските земји од Индо-пацифичкиот регион.






