Реториката на СДСМ и ДУИ за Македонија во ЕУ, не ја следат конкретни чекори за компромис со ВМРО-ДПМНЕ
Статус КВО и по претседателство на ДУИ, кога го соопштија она што веќе јавноста го знаеше – ќе излеземе од Владата ама кога ќе почне да важат уставните измени. Нешто со што опозицијата никако не се согласува, и нешто со кое власта тактизира. Дали на Македонија и се заканува политичка криза ако не се исполни ниту едно од понудените сценарија – широка влада без ДУИ, уставните измени да важат со членството во ЕУ или предвремени избори на есен. Главните политички фактори не можат да се договорат и да најдат заедничко решение.
„Македонија пропаѓа затоа што двоецот Ковачевски Ахмети наместо да нуди решенија неуспешно се занимава со спинови и подметнувања“ – реагира потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
2/3 во Собранието немаат и никогаш нема да имаат. Од ВМРО ДПМНЕ подршка за уставни измени под Бугарски диктат нема и нема да има. Најдобар доказ за ова е што прелогот за уставни измени не го ставаат на гласање. Им понудивме национално обединување на Македонците- го одбија. Станаа класични измеќари на ДУИ и Ахмети! Прифатија договор со Бугарија катастрофален по македонските национални интереси, кој се разбира не можат да го испорачаат. Ги предупредивме, а СДСМ игнорираше – напиша Николоски.
Владејачката СДСМ која најави формирање работна група, за да продолжи комуникацијата со ВМРО-ДПМНЕ и натаму тврди дека Мицкоски прифатил уставни измени.
Сега имаме нов момент на политичката сцена во земјата и нова реторика, целосно различна од она што досега го слушавме, НЕ стана ДА, прифаќањето на уставните измени од страна на Мицкоски и промената на ставот е за доброто на државата и го поздравувам – рече премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов пак, кој неодамна ја напушти владината коалиција, смета дека идејата на СДСМ за широка влада, била класична манипулацја. Целта била да се избегне одговорноста од колапсот на евроинтеграциските процеси, незадоволството на граѓаните и обидот за промена на Уставот под бугарски диктат без гаранции за македонскиот идентитет.