Утревечер, 16 април битолскиот Народен Театар на големата сцена ќе одигра праизведбата на драматизацијата на романот „Црно Семе“ од Ташко Георгиевски. Режисер е Андреј Цветановски, на сцената се вклучени актери и голем тим соработници од разни профили кои стојат зад актерисите. Ова е првиот од проектите на оваа институција од културата за кои Министерството за култура додели средства.

Во низата романи за судбината на Македонецот од егејскиот дел; мотивот на прогонот, насилството и теророт е даден во романот „Црно семе“ од Ташко Георгиевски. Ова е еден од неговите романи поврзани и со мотивот на враќање – дома, кон корените. Црно Семе е еден од култните романи на Ташко Горгиевски, за кои театарот е во постојана комуникација со семејството на романописецот. Поставувањето на овој текст има и свои директни мотиви – 13 години од смртта на романописецот и 90 години од неговото раѓање. Ова е праизведба, генерации наназад го паметат истоимениот филм, но тетарската претсатва со драматизацијата што ја направи Јелена Цветановска е второ поставување и тоа театарско.

Режисерот Андреј Цветановски овој проект долго го имал во своите фиоки, а го работи со битолскиот театар затоа што тука нашол истомисленици. Ова е негов трет проект во Битола со театарот за кој има најдобри семејни сеќавања од времињата кога неговиот татко работел овде.

Темата на романот е судбината на група Македонци, затвореници на еден пуст остров во Егејското Море. Идејата е дека никакви насилства, физичка и психичка тортура не можат да го скршат човековото достоинство и да му го погазат чувството за национална припадност. Играат Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски,Васко Мавровски, Никола Стефанов, Никола Пројчевски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Александар Димитровски,Александар Копања, Петар Спировски, Живко Борисовски, Хари Михајловски и единствената дама во поставата објавена на интернет страната на Театарот – Марија Цветановска.

За сите нив процесот на читање, учење на текстот, проби, минал со силни емоции поврзани со страдањата кои треба да ги претстават.


Никола Пројчевски се осврна на прогонот – не само оној физичкиот туку и научниот, духовниот кој се случува денес, а за тоа показ има секојдневно на популанарниот начин на комуницирање преку социјалните мрежи, кадешто има и негатори и негувачи на македонскиот јазик и песна.

А сите кои се поистоветуваат со ликовите од овој роман, во секое време и секаде имаат што да кажат. Дејството е лоцирано во времето на граѓанската војна во Грција во 1946 година, годината кога македонското население во таа земја се соочува со прогон. Групата на патувањето кон остров кадешто треба да отслужат казна за криминал што само нивниот осудувач го знае, бранува низ моралните дилеми наметнати од нападот на обичното човечко достоинство. А кога стигнуваат на одредиштето, започнува драмата на копнежот за враќање.

Сценограф е Сергеј Светозарев, костимограф Благој Мицевски, музика Димитар Андоновски, кореограф Дамјан Цветановски. Учествуваат и 4 членови на КУД Илинден – велат од театарскиот тим. Потписник на музиката е Димитар Андоновски. Директорот Мавровски денеска информираше дека се користи и композиција на групата Мизар и хорот Хармосини.

Премиерата на „Црно семе“ е на 16 април со почеток во 20 часот и е целосно распродадена.
Следните изведби се на 22 и 29 април 2025г. со почеток од 20 часот.