Познатиот македонски пијанист Дино Имери изнесе свој став во врска со сместувањето на Националниот оркестар за џез музика во Македонска филхаронија. Според него, се работи за преседан што не смее да се повтори и одлука што треба да се донесе во согласност со сите професионални мерила.
„Денес сме сведоци на преседан кој не смее да се повтори во иднина, а треба веднаш да биде повлечен. Повредува леснотијата и површноста со која се носат значајни одлуки кои директно влијаат на институциите и на вработените, но и на публиката. Да се донесе и потврди одлука за сместувањето на новооформената национална установа Оркестар за Џез музика во објектот на НУ Филхармонија на РСМ без никаква претходна професионална и темелна анализа на можностите, капацитетите и реалните состојби е во најмала рака несериозно. Да се стори тоа без никаков дијалог и инволвираност од институцијата која е најмногу засегната – НУ Филхармонија, тоа е незамисливо“, вели Имери.
Тој ја поздравува и се радува на одлуката за основање на новата национална установа, но не се согласува со одлуката на Министерството за култура за прескокнување на Филхармонија во момент кога се одлучува за нејзината иднина.
„Ги повикувам одговорните лица да станат и тие дел од нешто што е поголемо од нив и веднаш да ја стопираат нивната одлука. Последиците се веќе јасни – нарушените меѓучовечки односи и недоразбирања кои не би се ни појавиле доколку целиот процес бил направен како што треба. Одлуката дали новата институција треба да се смести во Филхармонија не треба да е предмет на дискусија на јавноста, на сите нас да ја поддржуваме или оспоруваме. Таа одлука требало да се донесе во склад со сите професионални мерила. Филхармонија не е зграда. Филхармонија не е сопственост. Филхармонија е идеја, а идеите се отпорни дури и на куршуми“, потенцира Дино Имери.