Мојсоска: Власта одби законски измени кои ги заштитуваат жртвите на семејно насилство
- Постојниот Кривичен законик за случаи на телесна повреда при вршење насилство врз жена или семејно насилство предвидува гонење по предлог на жртвата. Ова им остава простор на жртвите под притисок од насилникот, под страв или како резултат на психичко растројство од извршеното насилство – да ја повлечат пријавата, да се прекине постапката и извршителот на насилството да остане без казна, на слобода, претставувајќи закана за жртвата. Поради ова Левица поднесе законски измени, согласно кои, насилниците треба да се гонат по службена должност.
„Владејачкото мнозинство само што ОДБИ да се стави на дневен ред предлог-измената на Кривичниот законик, со кој Левица предлага делото “телесна повреда при семејно насилство” да се гони БЕЗ предлог на жртвата!“ – Соопшти пратеничката Мојсоска на социјалните мрежи.
„Јавноста сведочеше за УБИЕНИ жени при семејно насилство, на кои му претходело повлекување на предлогот за гонење од страна на жртвата. Доколку беше прифатен предлогот на Левица, органите на прогонот ќе можеа да го гонат сторителот на семејно насилство независно од волјата на жртвата“ – стои во нејзината објава.
Според Мојсоска „Да не се гласа овој предлог само затоа што доаѓа од Левица говори за тешка партиска СУЕТА, арогантност и неодговорност кон оние најранливите кои државата мора да ги заштити! Сите оние кампањи обоени во портокалово и машнички на функционери се ЗАМАЈУВАЊЕ на јавноста, додека секој ден читаме за згаснати животи при семејно насилство.“
Таа вели дека арогантноста и суетата на “народните” избраници кошта човечки животи!






