Потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев, во интервју за ТВ21 повтори дека на лидерската средба бил постигнат договор во однос на уставните измени.
„Мицкоски излезе и кажа, договоривме техничка влада, барам да биде без ДУИ, но после изгледа го искараа. Има една структура внатре во ВМРО–ДПМНЕ, порадикална, која што, условно кажано, го влече за уши и го враќа во колосек кон националнизмот и кон закопување во ровови. Манифестот има за цел уште еднаш да даде гаранции дека преговорите ќе ги водиме сите заедно, транспаретно, ефикасно и ефективно затоа што заеднички таргет ни е Македонија членка на ЕУ до 2030 година. Прилично амбициозна цел, но не и нереална. Цел која може да се реализира доколку сите седнеме заедно и работиме заедно, вели Богоев.
Тој повика опозицијата да каже што е проблематично во предложениот манифест за преговори со ЕУ.
„Тоа што манифестот гарантира заштита на нашиот македонски јазик, култура и национална определба? Тоа ли е спорно? Што има спорно? Спорно ли е до 2030 да се потрудиме да станеме членка на ЕУ. Нека кажат што е спорно. Што е спорно во декларацијата лани што ја изгласавме во Собрание ? Не ја гласаа… Видете го парадоксот на ВМРО–ДПМНЕ. ВМРО–ДПМНЕ бара гаранции од ЕУ дека немало да има нови услови кои задираат во македонскиот јазик и идентитет, а што е резолуцијата на германскиот Бундестаг за посебност на јазик, култура, идентитет. Американскиот конгрес и Сенатот септември го предлагаат како месец на билатералното пријателство со целосна серија на активности за признавање на македонската култура, јазик, идентитет, нација и посебност. Зборуваме за САД и за Германија. А, тие повторно сакаат некаква гаранција“, потенцира Богоев.