На овој начин се врши растоварување на секундарното и терциерното здравство, преку засилување на улогата на матичните лекари, како и намалување на административните процедури за препишување на хронична терапија

Засилување на улогата на матичните лекари, како и намалување на административни процедури за препишување на хронична терапија, на денешниот брифинг со новинарите, беа промовирани новините во примарната здравствена заштита, со цел, како што беше кажано, приближување и поедноставување на услугата за сите пациенти.
– Врз основа на детална анализа, која ја спроведе Министерството за здравство, со поддршка од останатите надлежни институции и во соработка со Светската здравствена организација, се увиде потребата од воведување системски решенија за трансформација на примарната здравствена заштита, што претставува основа на целиот здравствен систем, информираше министерот Фатмир Меџити.
Тој појасни дека трансформирањето на системот на ПЗЗ е во насока на модернизирање и интегрирање на услугите со други области на здравствениот систем, со посебен фокус на хроничните заболувања, како и трансформација на здравствениот систем од дијагностичко ориентиран – во пациент центричен систем.
На овој начин, нагласи тој, се врши растоварување на секундарното и терциерното здравство, преку засилување на улогата на матичните лекари, како и намалување на административните процедури за препишување на хронична терапија.
– Паралелно со тоа ќе овозможиме поголем број лекари од општа пракса да имаат специјализација по семејна медицина, со цел пациентите да добијат што е можно повеќе здравствени услуги на едно место – ЕКГ, ЕХО, доплер, спирометрија, проширен ЛУ1 пакет и слично, појасни министерот.
Сите овие активности, рече тој, кои се дел од реформата на ПЗЗ, се реформска мерка и во програмата за економски реформи на Владата за периодот 2023 -2025, а доставен е и предлог да влезат во новата стратегија на Светска банка за партнерство со нашата држава за периодот 2024-2028 година.
– Неделава ја посветуваме на промоција на новините во системот на примарна здравствена заштита, отпечатени се информативни брошури со поддршка од СЗО, завршена е едукацијата за 700 матични лекари за новиот правилник за препишување лекови и во следните неколку дена планираме посети во повеќе здравствени домови во државата, со цел одблиску да ги запознаеме пациентите и докторите со овие новини, информираше Меџити.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој појасни дека одреден пациент од Крива Паланка, од Ресен или од Струга, што треба да стане во пет часот наутро и да патува со возило, со автобус, да изгуби работен ден, тој што има постари родители и да дојде да потпише за терапија, таа конзилијарната терапија што се препишува само на терцијарно здравство, односно на Клинички центар, отсега натаму ќе се препишува кај фамилијарните доктори.
– Ова е една од првите големи промени што ќе се случат во примарната здравствена заштита. Знаете, еден таков член на фамилија кога имате болен треба да дојдете во Скопје тој ден да потрошите и ден и да потрошите најмалку за превозни средства околу 2-3 илјади денари и тоа пациентите најдобро го знаат. Ова е првата мерка што ви ја најавив и првиот ден кога стапив како министер со мојот кабинет. И понатаму ќе следат и другите сите промени. Воедно да кажам дека во примарната здравствената заштита еднаш засекогаш правиме децентрализација на здравство, тоа што не успеавме еве со општините, со локалната власт да го направиме индиректно, ние преку примарната здравствена заштита ќе направиме децентрализација тотално на цело здравство низ цела држава. И едно да ви е јасно и на целата јавност дека еднаш засекогаш работите во здравство ќе почнат да се решат кога ќе имаме добра основа, кога ќе ги имаме овие промени во примарната здравствена заштита, подвлече министерот.





