Во пресрет на посетата на Брисел, премиерот Мицкоски во саботата изјави дека пораките кои доаѓаат од таму „не се баш така јасни“, но дека нашата порака е јасна оти ние доволно направивме како ниту една држава во ЕУ.
Имплементацијата на Планот за раст на Западниот Балкан, напорите за регионална интеграција, како и можностите за натамошно унапредување на постепената интеграција меѓу Европската Унија и регионот, ќе бидат главни теми на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан на кој ќе учествува и премиерот Христијан Мицкоски, придружуван од министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за европски прашања Орхан Муртезани.
Како што најави Владата, покрај учеството на Самитот, премиерот Мицкоски ќе има средби и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и со неговите колеги од Шпанија и Полска, Педро Санчез и Доналд Туск.
Мицкоски ќе учествува и на Самитот на Европската народна партија (ЕПП), кој ќе се одржи пред средбата на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ.
Во пресрет на посетата на Брисел, премиерот Мицкоски во саботата изјави дека пораките кои доаѓаат од таму „не се баш така јасни“, но дека нашата порака е јасна оти ние доволно направивме како ниту една држава во ЕУ.
– Ние ќе продолжиме да промовираме европски вредности, ќе си ја вршиме домашната задача, ако се подготвени да најдеме конструктивно решение и да го продолжиме патот во ред, во секое време сме подготвени позитивно да одговориме на таквото барање, во спротивно можам да заклучам дека ние како држава, Балканот, за жал не сме во фокусот на оваа администрација на Брисел, изјави Мицкоски.
Според него, во Брисел има политичари кои „одлучија да бидат заложници на политичари кои се уште се со мислите во средниот век, наместо да гледаат кон 21 и 22 век“.
– Ние повеќе отстапки немаме намера да правиме додека сме Влада. Ако си најдат некоја друга Влада тогаш нека си ја донесат, нека прави. Ова Влада такви отстапки нема да прави затоа што не е аргументот – тоа е тоа, знаете 27 се тука. Тој аргумент не води таму каде што сме денес, дециден беше премиерот.






