Димитриевски ги повика сите политички субјекти да ја поддржат Националната платформа на ЗНАМ
На прашањето дали на Локалните избори идната година ќе се кандидира повторно за градоначалник на Куманово, Димитриевски во интервјуто на ТВ Сител одговори дека ќе одлучи откако ќе ги анализира ставовите на граѓаните во општината.
Претседателот на Движењето За наша Македонија – ЗНАМ Максим Димитриевски апелира до политичките субјекти да ја прифатат Националната платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии со девет точки која неговата партија ја промовираше вчера.
Во интервју во Дневникот на ТВ Сител вечерва тој рече дека се работи за стратешки документ „од општ интерес за сите граѓани“ со кој „еднаш засекогаш ќе се затвори темата кој тоа од позиција на власт може да ги продава нашите национални и државни интереси“.
Во интервјуто тој рече дека жали што „некои пред да ја видат ја отфрлија“, а го радува, рече, фактот дека „најсериозните политички субјекти прифатиле да ја разгледаат платформата и да разговараат за неа“.
Како што рече, платформата веќе ја најавиле во кампањата за изборите, а сега е достапен текстот и во следниот период во пишана форма ќе биде доставена до сите политички субјекти.
-Апелирам да не избрзуваат со одлуката бидејќи не е одлука за собирање евтини политички поени, туку одлука што ќе биде од општ интерес за сите граѓани и еднаш засекогаш ќе се затвори темата кој тоа од позиција на власт може да ги продава нашите национални и државни интереси. И на крајот Собранието ќе одлучи… Доколку е прифатлива за мнозинството, ќе оди во Парламент. Таму ќе биде дополнително елаборирана, очекуваме дека и јавноста ќе ја коментира, експертската фела, исто така. Македонија заслужува еден ваков документ… Вакви обиди имало и во минатото, но секогаш кога ќе дојдело од лево, се негирало од десно, кога ќе дојдело од десно се негирало од лево… Се сметаме за најнезависни, нови сме на политичката сцена. ЗНАМ е тој кој излегува и ќе го дадаме максимумот да ги убедиме останатите дека ова е нешто корисно за нас, истакна Димитриевски.






