Васко Стојков, адвокат на Љупчо Палевски: „Ме замоли да го однесам во Белград бидејќи немал возило“
Васко Стојков, адвокат на Љупчо Палевски кој е осомничен за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, попладнево за телевизија Телма изјави дека го однел неговиот клиент во Белград оти тој му рекол дека треба да оди на преглед. Адвокатот вели дека не знаел оти токму Палевски, со прекар Палчо, е одговорен за убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жеровски од Велес.
„Ме замоли да го однесам во Беград бидејќи немал возило, а не можел да обезбеди нотар да му се преведе воозилото. Јас врска немав за оваа работа. Знам дека требаше да оди во Белград, кажуваше дека закажал прегледи. Ако е така, му реков, ќе те однесам. Не знаев за овие работи. Јас се вратив во Скопје, тој остана затоа што требаше да има преглед другиот ден и рече ако е сè во ред ќе се врати назад. Ако не е во ред рече ќе одел во Истанбул“, вели адвокатот Стојков во разговор за Телма, кој веќе бил повикан во полиција и дал изјава во врска со случајот.
Стојков вели дека му пратил порака на Палевски да се врати и да даде исказ затоа што станува збор за сериозна работа. Дали и каков одговор добил не кажува.
„Јас сум адвокат и ако сум знаел било што сигурно немаше да го носам“, рече Стојков.
Министерот за внатрешни работи на денешната прес-конференција кажа дека Палески на 30 ноември заминал во Србија од каде продолжил кон Бугарија.