Американскиот претседател Џо Бајден издаде помилување за неговиот син Хантер Бајден во судската постапка против него за даночни прекршувања и во врска со носење огнено оружје, а својата одлука ја оправда со тврдењето дека неговиот син бил подложен на неправедно гонење.
„Ниту еден разумен човек кој ги разгледува фактите од случаите на Хантер не може да дојде до друг заклучок освен што тој беше издвоен само затоа што тој е мој син – и тоа е погрешно. Имаше обид да се скрши Хантер. Во обидот да го скршат Хантер, тие се обидоа да ме скршат мене- и нема причина да верувам дека ќе застане тука, доста е“,рече Бајден во изјавата од Белата куќа.
Во помилувањето се наведува дека Бајден му дал целосно и безусловно помилување на Хантер Бајден за какви било прекршоци помеѓу 1 јануари 2014 година и 1 декември оваа година.
„Наводите во неговите случаи се појавија дури откако неколку мои политички противници во Конгресот ги поттикнаа да ме нападнат и да се спротивстават на мојот избор. Верувам во судскиот систем, но верувам и дека груба форма на политика го зарази тој процес и доведе до пропуст во правдата“,рече Бајден, кој официјално го завршува мандатот како претседател на 20 јануари.
Одлуката претставува пресврт за претседателот, кој постојано изјавуваше дека нема да ја користи извршната власт за да го помилува својот син или да му ја ублажи казната.
Синот на претседателот Џо Бајден, Хантер Бајден, на 20 јуни минатата година, се изјасни за виновен за затајување на федералниот данок на доход и призна дека нелегално поседувал пиштол додека бил корисник на дрога, соопшти обвинителството во Делавер.
Педесет и тригодишниот син на американскиот претседател постигна договор за признавање вина со канцеларијата на обвинителството во неговата родна држава Делавер, но договорот допрва треба да биде одобрен од федерален судија. Малку е веројатно дека Хантер Бајден ќе биде осуден на затворска казна.
Претседателот Бајден и неговата сопруга Џил кратко изјавија дека го поддржуваат својот син Хантер.
Во јануари годинава Хантер Бајден се изјасни за невин пред Федералниот суд во Калифорнија по обвинувањата дека затајувал данок, пренесе Би-би-си.
Хантер Бајден се изјасни за невин по обвиненијата за даночно затајување
Пред тоа Хантер беше обвинет по девет кривични дела, вклучително и за ненавремено плаќање на даноците во период од 2016 до 2019 година, како и за поднесување лажни даночни пријави во 2018 година и за даночно затајување.
Според обвинението напишано на 56 страници и поднесено против Бајден во декември за даночни затајувања, тој заработил повеќе од 7 милиони долари бруто-приход во период меѓу 2016 и 2020 година од деловни зделки во Украина и поврзано со врски од Романија и Кина.
Адвокатите на Хантер Бајден побараа да се отфрлат обвиненијата против него за федерално затајување данок како дел од политички мотивираното гонење.
Во септември Хантер Бајден се изјасни за виновен пред федералниот суд во Лос Анџелес во врска со обвиненијата за даночно затајување, пренесуваа светските медиуми. Тој решил да признае вина, откако обвинителите претходно се спротивставиле на неговата намера да посегне по т.н. Алфорд признание, невообичаен правен маневар каде што обвинетиот се изјаснува за виновен, но не го признава престапот.
Драматичниот потег, како што го оценува „Гардијан“, се случи на денот кога требаше да започне судскиот процес против 54-годишниот Бајден кој претходно се изјасни за невин по деветте точки од обвинението.