Македонија Новости Став Топ Вести

СДСМ бара расправа за сертификатот на Бојан Христовски


Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска побара собраниската Комисија за надзор на АНБ и АР да одржи седница на која ќе се расправа за загадочниот сертификат за познавање на англиски јазик на новиот директор на АНБ, но и за други прашања од неговото именување. Пратеничката Славјанка Петровска рече на прес-конференција дека на таа седница Бојан Христовски треба да одговори на сите прашања за кои во јавноста се крена голема бура.

„Именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност под сомнителни околности и со сомнителен сертификат за познавање на англиски јазик е најголемиот срам, но и понижување на државата и на професионалците кои животот и работниот век го посветија во безбедносно-разузнавачката заедница.

Од сите професионалци кои ја градеа оваа заедница, ДПМНЕ го одбра тренерот по кик бокс за директор и не почестија со фалсификуван сертификат.

Агенцијата за национална безбедност денес не е истата онаа од времето на Горан Грујоски и Сашо Мијалков, денес оваа Агенција има углед во НАТО безбедносно разузнавачката заедница и е вклучена во активности  и проекти од стратешки интерес за државата, но и НАТО приоритетите.  Но, очигледно дека ДПМНЕ дава сѐ од себе овој углед да го уништи и да го врати како во времето на фамилијата“, рече Петровска.

Според неа, „интерес на јавноста е јавно да ги поставиме и да добиеме одговори на повеќе прашања.

Едно од тие прашање е добиено од свиркачи, вработени безбедносно-разузнавачката заедица, е и следното: каде бил Бојан Христовски на денот на полагањето? Каде престојувал, неколку дена пред датумот на полагањето. Но, и многу други поврзани со неговите сегашни активности во Агенцијата. Како на пример, што тој знае за скандалозните помилувања?“

Таа уште додаде: „Токму затоа денес поднесовме иницијатива до претседателот на Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР за свикување на седница на која ќе биде поканет директорот на АНБ и ќе даде одговор на овие, но и други прашања. Бараме оваа седница да биде отворена за јавност за да може да биде сведок на поставените прашања, но и дадените одговори“.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *