Мицкоски ќе ги „замоли“ советниците во Град Скопје да гласаат „за“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите кажа дека од позиција на лидер на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги замоли советниците во Градот Скопје од редовите на неговата партија да ги поддржат програмите, како што бара градоначалничката Данела Арсовска. Според Мицкоски, дури и ако програмите се изгласаат, во главниот град нема да се смени ништо.
„Ги слушнав тие пораки дека не се гласале програмите, кочеле овие, кочеле оние. Како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги замолам советниците кои доаѓаат од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ веднаш на следната седница да ги изгласаат тие програми, ако е до програмите. Мислам дека добив информација дека на 29 август ќе има седница. Ќе ги замолам тие програми коишто Данела Арсовска вели дека не ѝ се гласаат да ги изгласаме и ќе видите дека ништо нема да се смени. Еве, да знаете дека ништо нема да се смени“, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Во интерес на ВМРО-ДПМНЕ е, инаку, да почнат да соработуваат со Данела Арсовска, бидејќи незадоволството на граѓаните од функционирањето на Скопје, ако може да се нарече така изживувањето,се одразува на резултатите на изборите и на централната власт – што СДСМ го осети на своја кожа.
За најавата на ДУИ дека е можно градоначалниците од оваа партија да излезат од Здружението на општините (ЗЕЛС), Мицкоски рече дека тоа не е зрел потег.
„Велат, кој губи има право да се лути. Мислам дека треба да останат таму кај што им е местото. Ако прават така сите што губат и ги напуштаат институциите тогаш ќе се создаде лоша пракса. Но тоа е нивна одлука“, рече Мицкоски.






