Меџити: Се додека граѓаните сакаат да се занимаваат со наука и истражување, не треба да се плашиме
Се додека граѓаните во државата, без разлика од која етничка припадност се, сакаат да се занимаваат со наука, истражување, не треба да се плашиме. Одиме кон прогрес, одиме кон еволуција, изјави денеска вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити во Парк – шумата Гази Баба, каде почна кампањата на Министерството за животна средина и просторно планирање „Делувај сега, за природата“.
Прашан за тоа дека вчера коалицијата „Вреди“ најави општинска поддршка за формирање албанска академија за наука и уметност во Северна Македонија, Меџити смета дека тоа е за поздравување.
– И Албанците до вчера имаа проблем со основно, со средно образование, со универзитетите. Сега тоа што го бараат да бидат вклучени и во научните истржувања и во академскиот дел, тоа е за поздравување и мислам дека тоа ќе наиде поддршка и од поголемата заедница, т.е. од Македонците, изјави Меџити.
За финансискиот дел на оваа академија, Меџити рече дека во првата фаза поддршка ќе има од општините, а понатаму ќе разговараат, ќе преговараат и додаде оти ќе се најде решение.
– Сето тоа ќе оди во прилог и на државата. Што повеќе научници и академици ќе имаме подобра перспективна ќе има Северна Македонија, рече Меџити.






