Македонија Новости Став Топ Вести

Мицкоски: Изјавата на Мицотакис-некоректна


Премиерот Христијан Мицкоски смета дека не е коректно политичарите кои учествувале на Самитот на НАТО да раскажуваат што се зборувало зад затворени врати, одговарајќи на изјавата на грчкиот премиер дека Мицкоски на состаноците го користел уставното име на земјата, Република Северна Македонија.

„Јас нема да зборувам за тоа што се случувало внатре бидејќи е непристојно да зборувате, а уште повеќе бидејќи сте под сертификат и тоа што е таму зборувано треба да остане таму зборувано. Јас не знам, ете има политичари коишто ги прераскажуваат работите што таму се случувале, полувистина, полуневистина итн. Навистина простете, но тоа што таму се случуваше не можам да кажам што се зборуваше и како се зборуваше, освен да потенцирам дека Алијансата е обединета, едногласна во сите одлуки што беа донесени, а се јавно достапни“, рече Мицкоски во вечерашното интервју на ТВ Сител.
Токму грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис беше тој што на прес-конференцијата која ја одржа пред крајот на самитот со новинарите од грчките медиуми присутни во Вашингтон рече дека Христијан Мицкоски на официјалните состаноци на сите лидери на НАТО-самитот го користел уставното име на државата.

Во гостувањето на ТВ Сител, Мицкоски не откри ниту дали Мицотакис на Самитот зборувал и го нагласил прашањето за почитувањето на Преспанскиот договор и каков бил одгласот кај партнерите од Алијансата.

„Не би можел да кажам дали имало форсирање на ова прашање или немало, но јас бев во една многу удобна позиција слушајќи ги таму дискусиите. Имав свои три излагања и мислам дека со своите излагања колку-толку зедов учество, дадов вредност во целиот овој процес на НАТО-самитот и мислам дека дел од тие излагања беа и привлекоа внимание од присутните во салата“,истакна премиерот, избегнувајќи директно да одговори на прашањето.

Мицкоски рече дека до билатерална средба со Мицотакис не дошло бидејќи најверојатно не можеле да ги усогласат агендите.

„Ние таму бевме во истите простории, на исто место, на некои 50-10 метри квадратни заедно, некогаш и поблиску, но никогаш не постоеше потреба од каков било тип на таква средба. Доколку постои, јас сум тука, на располагање сум, подготвен сум да седнам со секого и да разговарам. Но, претпоставувам дека распоредот на премиерот на нашиот јужен сосед беше премногу ангажиран и претпоставувам не најде време да се сретне со мене, да побара средба со мене“,рече премиерот Мицкоски.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *