Си-Ен-Ен: Атентатот неизбежно ќе предизвика сериозни политички последици
Фотографијата на Еван Вучи од Асошиејтед прес на американскиот кандидат за претседател Доналд Трамп – со крв на увото и образот, носен од сцената од страна агенти на Тајната служба, со крената тупаница и со американско знаме во позадина веднаш стана икона. Фотографијата дефинира еден стресна политичка ера, без оглед на досега непознатите политички последици од сончевото попладне кое се претвори во кошмар.
Вака Си-Ен-Ен го анализира вчерашниот обид за атентат на Трамп, кој се случи за време на предизборниот митинг во Батлер, Пенсилванија, кога осомничено лице испука повеќе истрели кон бината од подигната позиција надвор од местото на собирот. Пукачот беше застрелан. Загина еден од присутните на митингот, додека двајца беа повредени. ФБИ идентификуваше 20-годишен маж од Пенсилванија како осомничен, кој пукал на предизборниот митинг.
Шокантните случувања во саботата додадоа уште еден нестабилен политички елемент на дивата и непредвидлива изборна година во која неодамна Бајден – најстариот претседател во историјата – се бори да ја спаси својата номинација по катастрофалниот дебатен настап и осудата на Трамп (78) и неговите ветувања дека ќе изврши втор мандат на „одмазда“ доколку биде реизбран, анализира Си-Ен-Ен.
Повеќето лидери и политички актери од двете страни од изборната трка брзо испратија молитви до Трамп и повикаа на смиреност.
Бајден, кој помина денови обидувајќи се да ја зајакне својата кампања, сега ја презеде улогата на лидер нацијата, откако дозна за пукањето додека беше на миса во плажата Рехобот, Делавер. Тој прво објави писмена изјава, а потоа се обрати пред нацијата.
„Во Америка нема место за вакво насилство – болно е, болно е. Тоа е една од причините зошто треба да ја обединиме оваа земја. Не можеме да дозволиме тоа да се случи. Не можеме да бидеме вакви. Не можеме да го заборавиме и отфрлиме ова“, рече Бајден.
Тој, исто така, рече дека се обидел да дојде до „Доналд“ по телефон и рече дека поранешниот претседател бил на митинг кој „требало да се спроведе мирно без никаков проблем“. Претседателот, кој подоцна успеа да се поврзе со својот претходник, предвреме го заврши викендот во неговата куќа на плажа и се врати во Вашингтон.
Со оглед на сериозно поларизираната состојба на политиката во Соединетите Американски Држави, првичниот шок од обидот за атентат неизбежно ќе предизвика сериозни политички последици, анализира Си-Ен-Ен.






