Македонија Новости Стил Топ Вести

Продолжува борбата со пожарите, се очекува помош од неколку држави

Наскоро пристигнува помош од Словенија, Србија, Турција и Црна Гора во борба против пожарите


 Борбата со огнените стихии во државава продолжува. Гаснењето на пожарот на планината Серта се очекува да прододолжи утрово со хеликоптери и ер трактори. Во меѓувреме премиерот Христијан Мицкоски најави дека наскоро пристигнува помош од Словенија, Србија, Турција и Црна Гора во борба против пожарите.

Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов вчера доцна попладне изјави дека продолжува да гори пожарот на планината Серта, и оти гаснењето продолжува утрово со хеликоптери и со ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување.

– Продолжува да гори. За жал не успеваме да воспоставиме контрола над него. Теренот е исклучително лош, има многу трња, многу грмушки, многу густ терен, испресечен со долови. Високата температура и ветерот што го менува правецот, дополнително го отежнува гаснењето, појасни тој. 

Вчераутро се гаснело со еден полициски хеликоптер, веднаш потоа и со два армиски хеликоптери, а нешто подоцна со два ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување. Но покрај тоа, за жал, огнот повторно бил активен.

Полициски хеликоптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици вчера продолжи да дејствува врз пожар што е се уште активен на планината Серта.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, хеликоптерот во 25 налети исфрлил над 38 тони вода.

– Војската е активна на терен. Сто и три војника активно учествуваат во гаснењето, како и 30 припадници на МВР, локални противпожарни сили од Неготино и Кавадарци, доброволци, потсети Ангелов.

Пожарот на Серта избувна во средата околу 10.30 часот. 

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *