Македонија Новости Став Топ Вести

Идната влада ќе гради две когенеративни централи за гас

Покрај ова, мандатарот Христијан Мицкоски најави нов ветропарк меѓу Карбинци, Штип и Радовиш за производство на електрична енергија

Во програмата на новата влада и новото министерство за енергетика, ќе биде изградбата на две когенеративни централи за гас со кои во исто време земјата ќе се снабдува и со топлинска и со електрична енергија, а енергијата добиена од овие централи ќе овозможи балансирање на системот кога ќе е потребно. Ова денеска на Македонскиот енергетски форум што се одржува во Скопје, го најави Сања Божиновска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, за која во медиумите се најавува дека ќе биде на чело на новото министерство за енергетика. Таа додаде дека во план е изградба на ветерни паркови Богданци, Миравци и уште еден проект од 200 МВ.

„Со овие сопствени капацитети земјата ќе има квалитетен енергетски систем. Посебно место секако ќе заземе зелената транзиција, па во тие рамки особено внимание ќе се посвети на енергетската ефикасност и зголемување на обемот на производни капацитети од обновливи извори на енергија“, истакна Божиновска.

Таа учествувше на панелот „Храбри стратегии за обновување и пренамена на енергетскиот сектор во Западен Балкан“, при што рече дека одлуките што ги носиме сега ќе ја обликуваат нашата економска стабилност, здравјето на животната средина и социјалната благосостојба во годините што доаѓаат, додавајќи дека визијата на новата Влада е еколошки, одобрен и стабилен енергетски систем кој се темели на принципите на безбедност, ефикасност, одржливост и независност.

„Токму затоа главниот фокус во наредните четири години ќе биде ставен врз инвестициите. Планираме реализација на капитални инвестиции со вистинска додадена вредност, така што одржливата, базна и домашна енергија ќе биде приоритет на новата Влада“, рече Божиновска.

Таа исто така нагласи дека во план е интензивирање на енергетската поврзаност со околните земји со цел да се осигура стабилно снабдување на енергија во земјата, а на земјата и недостасува и енергетско поврзување со Албанија. Понатаму, треба да се испитаат мрежните приклучоци издадени од МЕПСО и да се разгледа легислативата.

„Во сите земји, државните претпријатија за електрична енергија се многу активни – на пример, ЕПС имаше забележителни финансиски резултати за минатата година над 1 милијарда. Тргувањето со електрична енергија, од дневна купопродажба до долгорочна трговија, ќе се врши од ЕСМ и ќе биде уште попроактивно и во ова“, потенцираше Божиновска.

Ни претстои, како што рече, и прилагодување на законот со ЕУ легислативата која опфаќа постројки за складирање на електричната енергија, формирање регистар за гаранции за потекло на електричната енергија, регулативи за CBAM почнувајќи од 2026 година, спојување на пазарот, спроведување на претстојниот ден во нашата енергетска берза и модернизирање на постојната преносна и дистрибутивна мрежа.

„Секако мора да бидеме реални и да кажеме дека работите нема да можат да се променат веднаш, но реализацијата на идејата за ново министерство е првиот чекор кон ставање ред во овој домен, зголемување на координацијата и креирањето издржливи, а пред се, реални и остварливи политики во областа на енергетиката“, истакна Божиновска.

Таа исто така во своето излагање се осврна и на регионот и рече дека постои обврска да ја забрзаме трансформацијата на овој сектор, со крајна цел – да го отвориме патот за почиста, поекономична и одржлива иднина за Западен Балкан.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *