Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис утрово во студиото на грчката телевизија Скај беше дециден дека грчкиот парламент нема да ги ратификува трите меморандуми од Договорот од Преспа откако опозициската СИРИЗА вчера во парламентот ги достави трите меморандуми, како предлози на закон на официјалната опозиција, но со потполно иста содржина како оние поднесени во септември 2020 година од тогашните министри на Владата на Мицотакис. Трите меморандуми се однесуваат на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ, економската соработка меѓу Грција и Северна Македонија и надзор над воздушниот простор.
„Ратификацијата на трите меморандуми за соработка со Северна Македонија, во рамките на Договорот од Преспа, е императив од национален интерес“, рече вчера по поднесувањето на меморандумите претседателот на пратеничката група на Сириза, Сократис Фамелос.
„Жал ми е што господинот Каселакис ги усвојува најлошите навики на неговиот претходник“, возврати грчкиот премиер Мицотакис коментирајќи го ставот на опозицијата за Договорот од Преспа.
„Ги истакнав проблемите од Договорот од Преспа, бидејќи тој ги утврдува термините „македонски“ и „македонски јазик“. Ја предупредив и новата влада во Скопје со јасна изјава дека секое отстапување од Договорот од Преспа ќе има сериозни последици и во односот со нас и во однос на патот кон Европа. Во однос на меморандумите, СИРИЗА сега бара да ги ратификуваме меморандумите и да го откажеме најосновното оружје што го имаме за почитување и спроведување на договорот. Она што СИРИЗА од нас го бара е чин кој ги достигнува границите на апсурдноста“, рече Мицотакис.






