Оние кои чуваат предмети во фиока за да ги спасат криминалците треба да бидат веднаш разрешени и да лежат во затвор, порача Пендаровски на конвенцијата вчеравечер

Вечерва во преполната сала „Борис Трајковски“ се одржа конвенцијата на петседателскиот кандидат и актуелен шеф на државата Стево Пендаровски. Доаѓањето на Пендаровски беше најавено и бурно поздравено со тапани, а поддршка за кандидатурата му дадоа познати глумци и јавни личности, кои ги истакнуваа скромноста, чесноста и отвореноста за сите граѓани како негови карактеристики додека беше досега на функцијата. На конвенцијата присуствуваше и лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски, лидерите на коалиционите партнери, а со овации и прегрнувања беше пречекан и поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев.
– Победата почнува денес, победата почнува тука и победата почнува со нашиот претседател, Стево Пендаровски, порача Ковачевски кој прв се обрати пред поддржувачите. Т
Тој нагласи дека Пендаровски пред се е прогресивен претседател, кој верува во прогресивна Македонија и не се откажува од европската иднина.
-Ние не се откажуваме од иднината! Ние покажавме храброст. Покажавме дека имаме план. Покажавме што значи лидерство. Лидери се токму тоа, луѓе со визија и луѓе кои не се откажуваат. Не се откажавме затоа што ние сме на вистинската страна, рече Ковачевски.
Тој притоа потсети дека на епизода од времето кога се решаваше за францускиот предлог потенцирајќи дека во тие одлучувачки моменти Пендаровски му понудил јасна поддршка за иодлуката што ќе ја донесе и долгорочна поддршка за искушенијата низ кои ќе треба да пројде и критиките со кои ќе се соочи.

-Кога беше време да се отворат преговорите со ЕУ во јули 2022, Стево и јас седевме заедно, сами. Стево рече вака: Знам дека од утре целиот притисок ќе биде врз тебе. Знам дека целиот овој процес ти ќе мора да го изодиш до крај. Знам дека од утре, сите популисти, сите националисти, сите противници на европската идеја за Македонија, сите оние кои се здружени со непријателите на Македонија, ќе застанат против тебе. И ќе поминуваш низ пекол. И затоа, нема да те оставам сам. Затоа, јас ќе стојам рамо до рамо до тебе. Ќе стојам рамо до рамо и со пратениците со кои заедно ќе ја водиш битката во парламентот. Затоа, јас прв ќе излезам на прес конференција и ќе кажам: ДА, Македонија треба го прифати европскиот предлог. Македонија треба да стане земја членка на ЕУ. Тоа и го направи, тоа е лидерство. Тоа е начинот на кој постапуваат вистинските лидери. Лидерите кои им мислат добро на својот народ и на својата држава, рече Ковачевски.

Ковачевски рече дека тоа му дало поттик да отидам заедно со пратениците и во парламентот да ја кажам идејата за Европска Македонија.
-Со вакви храбри луѓе, направени од ваков цврст материјал што ништо не може да го скрши, Македонија ќе стане земја членка на ЕУ. Европска Македонија ќе биде реалност! Нема откажување, како што јас и Стево не се откажавме, ни во тие најтешки наши моменти. Тоа го направивме не затоа што е лесно, туку напротив, затоа што е тешко и затоа што знаевме дека нема кој друг да ја донесе таа одлука. Затоа што јас и тој требаше да ја донесеме одлуката. Ниту Стево ниту јас не се откажавме и никогаш нема да се откажеме. Исто како вие овде што нема да се откажете. Со вакви храбри луѓе, направени од ваков цврст материјал што ништо не може да го скрши, Македонија ќе стане земја членка на ЕУ – рече Ковачевски.





